Ако имате љубов за давање, јавете се на 15 133 или посетете го вашиот Центар за социјална работа. Вработените во Центарот ќе ви помогнат со апликацијата.  

При изборот на згрижувачко семејство се зема во предвид општата здравствена состојба и подобноста на подносителот на барањето и на сите членови на семејството. Згрижувачот е должен на малолетното дете да му обезбеди, згрижување и сместување во семејството, нега, општа и лична хигиена, исхрана, неопходна облека и обувки, да се грижи за здравјето на детето, да се грижи за неговиот развој, воспитание и образование. Згрижувачот е должен да се грижи и за задоволување на етичките, културните, забавните и рекреативните потреби на детето кое е сместено во семејството, како и да ја почитува етничката припадност и верските обичаи на сместеното дете.

Истовремено згрижувачот е должен да овозможи продолжување на врската на детето со неговото биолошко семејство, доколку го има, и да се грижи и да го припрема детето за средбите со неговото биолошко семејство.Детето се сместува во згрижувачко семејство додека не се обезбеди трајно решение за негово сместување, а тоа е да се врати во биолошкото семејство или да биде посвоено. Законот за социјална заштита дава право на надоместок на трошоците за сместување на детето и надоместок за згрижување.

Општо

Општо згрижување е услуга преку која на сместените лица им се обезбедува задоволување на секојдневните потреби, грижа за личноста, воспитанието, образованието, развојот, здравствената состојба, во зависност од секојдневните потреби на сместеното лице. Корисници на услугата се: стари лица, деца без родители и родителска грижа, лица со попреченост. 

Роднинско

Роднинско згрижување е услуга за згрижување на дете без родители и без родителска грижа, во семејство на неговите баба, дедо, брат, сестра, вујко, чичко или тетка. 

Интервентно

Интервентно згрижување е услуга на краткорочно згрижување во семејство на лица за кои е неопходна итна заштита, до изнаоѓање на соодветни облици на заштита, а најдолго до 30 дена. Корисници на услугата се: дете без родители и родителска грижа, деца од конфликтни семејства, жртви на насилство, жртви на трговија со луѓе и други лица чиј социјален проблем налага итно згрижување и заштита.

Специјализирано

Специјализирано згрижување е услуга преку која на сместените лица им се обезбедува општо згрижување на лицата и поддршка до надминување на социјалните проблеми, а која се обезбедува од страна на згрижувачи кои поминале специјализирана обука. Корисник на услугата е: дете жртва на семејно насилство, дете во ризик и дете во судир со законот, дете или лице со попреченост

Повремено

Повремено згрижувачко семејство обезбедува згрижување на дете или возрасно лице згрижено во друго згрижувачко семејство, како и за дете или возрасно лице со попреченост кое живее со родител/старател заради одмор, терапија, лекување и завршување на домашни, семејни и професионални обврски на згрижувачот, односно родителот/старателот. По престанокот на потребата од привремено згрижување, згрижувачкото семејство, односно родителот/старателот, ја продолжува грижата за детето или лицето.

Согласно Одлуката за цената на социјалната услуга за 2022 година висината на месечниот надоместок изразен во нето износ, изнесува:

Износот на социјалната услуга за згрижување во општо згрижувачко семејство, изнесува:

  • 16.730 денари месечно за дете, кога е згрижено едно дете,
  • 14.554 денари месечно за секое дете, кога се згрижени две деца,
  • 13.091 денари месечно за секое дете, кога се згрижени три деца,
  • 12.041 денари месечно за секое дете, кога се згрижени четири деца,
  • 11.249 денари месечно за секое дете, кога се згрижени пет деца.

Цената на социјалната услуга за згрижување во роднинско згрижувачко семејство, изнесува:

  • 10.978 денари месечно за дете, кога е згрижено едно дете,
  • 8.826 денари месечно за секое дете, кога се згрижени две деца,
  • 7.379 денари месечно за секое дете, кога се згрижени три деца,
  • 6.340 денари месечно за секое дете, кога се згрижени четири деца,
  • 5.557 денари месечно за секое дете, кога се згрижени пет деца.

Цената на социјалната услуга за згрижување во интервентно згрижување во друго семејство, изнесува 17.584 денари месечно. Цената на социјалната услуга за згрижување во специјализирано згрижувачко семејство, изнесува:

  • 19.615 денари месечно за лице со попреченост, кога едно лице е згрижено,
  • 17.094 денари месечно за лице со попреченост кога две лица се згрижени,
  • 18.147  денари месечно за дете/лице во ризик.

 

Ве молиме пополнете ја формата и ќе ве контактираме во најскоро време за следните чекори.